Македонската градежна оператива бележи значителен пад на договорените градежни проекти во странските држави во периодот јануари – септември 2011 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, македонските градежници во странство договориле работа во вредност од 2.027.279 илјади денари, што е за дури 48,9% помалку во споредба со истиот период од претходната година. Намалувањето најмногу се чувствува кај државите Полска и Украина, во кои се бележи пад на склучените градежни работи од преку 1.800.000 илјади денари. Ваквите статистички информации покажуваат дека нашата градежна оператива во наредните месеци ја очекува помала активност во странство која ќе мора да ја надополни со договори на домашен план.
Спротивно на оваа ставка, градежниот сектор бележи пораст на извршените работи во странство за истиот период. Во наведениот период вкупната вредност на завршените проекти изнесува 1.703.523 илјади денари, што е за 8,9% повеќе во споредба со истиот период лани. Идентично како во 2010 година, македонските компании успеале да ги задржат традиционалните пазари како што се Украина и Хрватска, каде истовремено успеале двојно да ја зголемат вредноста на имплементираните градежни зафати. Македонското градежништво успеало да придобие нови пазари (Франција и Хрватска), но истовремено и да ги изгуби постоечките држави (Полска и Словачка) во кои работеле на значително поголеми проекти.
Бојан Блажевски