Швајцарската амбасада во Македонија, во соработка со Архитектонскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Државниот универзитет од Тетово, организира гостување на светски познатиот архитект Марио Бота. Швајцарскиот архитект утре ќе одржи предавања во големата сала на хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје (од 09:00 до 11:00 часот) и во амфитеатарот на тетовскиот универзитет (од 14:00 до 16:00 часот). Настаните се од отворен карактер за јавноста, а после предавањата програмата предвидува интерактивен дел, односно дебата.
Марио Бота е роден во 1943 година во швајцарското гратче Мендрисио. Првиот објект го проектирал уште на 16 – годишна возраст. Меѓу неговите позначајни дела се вбројуваат музеите на современа уметност во Сан Франциско и во Шарлот, зградата на Националната банка на Грција, Кимбалиста синагогата и еврејскиот културен центар во Универзитетот Тел Авив.