Претставници на Словенечки железници деновиве повторно излегоа со најава за влез во товарниот железнички транспорт во Македонија. Главен фактор за тоа дали ќе се либерализира македонскиот железнички пазар е одлуката на Министерството за транспорт и врски, кое досега не издаде дозвола на три заинтересирани компании за вршење на товарен сообраќај.
Во меѓувреме, финансиската состојба на Словенечки железници воопшто не е розова. Лоши резултати ја тресат оваа национална компанија, а весникот „Slovenia Times“ пренесува дека Словенечките железници во првите шест месеци од 2011 година направиле нето – загуба од 5,6 милиони евра. Весникот укажува дека јавното железничко претпријатие континуирано има лоши финансиски резултати, а само еден менаџер на компанијата успеал да го протурка целиот свој мандат на раководната позиција. На хартија Словенија го има либерализирано товарниот железнички сообраќај, но во пракса како конкурент на Словенечки железници се јавува компанијата Адриа Транспорт, која на својата интернет – страница објавува дека во 2011 година очекува да организира повеќе од 300 товарни возови, што сепак претставува минорна бројка на годишно ниво.
Заедничката компанија „Карго 10“ во хаос
Наспроти најавите за влез на Словенечки железници во земјава, од претпријатието Македонски Железници – Транспорт неколку пати изразија надеж дека заедничката компанија на екс – југословенските железници „Карго 10“ ќе го заживее железничкиот Коридор 10. Деновиве од српските медиуми пристигнуваат лоши вести за моменталната состојба на оваа компанија. Весникот „Вечерње новости“ објави дека заедничката компанија сеуште не е регистрирана, а во моментов нема ниту генерален директор на раководната позиција. Наместо најавениот транспорт од 500.000 до 1.000.000 тони стока годишно, во текот на првата година од работењето на „Карго 10“ се превезени само 50.000 тони.
Бојан Блажевски