Три објекти на централната пешачка улица во Скопје ќе добијат барокни фасади што ќе бидат во согласност со архитектонскиот стил на проектот „Скопје 2014“. Градот склучи договори со скопската фирма „Бауер БГ“ и со „Пелагонија“ од Гостивар за реконструкција на надворешноста на зградите бр. 001, 25 и 35 на улицата „Македонија“, а од градскиот буџет за оваа намена ќе се потрошат вкупно 56.257.961 денари односно 915 илјади евра. Со ова продолжува проектот за менување на изгледот на објектите во строгиот центар на македонската метропола, кој ќе вклучи десетици згради на потегот од плоштадот „Карпошово востание“ до Музејот на Град Скопје.
Реновирањето на предните фасади на одбраните три објекти ќе се одвива во период од шест месеци. Барокниот изглед на фасадите на улицата „Македонија“ произлегува од архитектонската замисла на Жарко Чаушевски и Звонко Ставрески, автори кои и досега беа вклучени во проектот „Скопје 2014“. Врз основа на идејните решенија, основните проекти за најавената реконструкција ги изработија компаниите „Архитектоника“ од Скопје и „Проинг Љубе“ од Битола.