Општина Центар влегува во нов инвестициски циклус за обновување на зеленилото во центарот на Скопје. Цели зони во централното градско подрачје ќе добијат нови дрвја, грмушки, тревна површина и автоматизиран систем за полевање, со што барем делумно ќе се реши проблемот со недостиг на зеленило што го бараат жителите од овој дел на Скопје. Покрај досегашните интервенции околу Градски ѕид на потегот меѓу булеварите „Димитрие Чуповски“ и „Партизански одреди“, во наредниот период ќе се изведе ново зеленило на делот меѓу булеварите „Партизански одреди“ и „Св. Кирил и Методиј“.
* Поранешниот парк до хотелот „Бристол“ во центарот на Скопје
Локалните власти склучија договор и за хортикултурно уредување и инсталација на системи за полевање на просторот од улица „11 Октомври“ до улица „Македонија“. Збогатено зеленило и нови катчиња за одмор треба да очекуваат и жителите на Градски ѕид на потегот од булевар „Илинден“ до „Партизански одреди“, како и оние кои живеат на улицата „Елисие Поповски“. Општина Центар на дел од овие јавни простори ќе постави нова урбана опрема. Целокупниот проект ќе се реализира етапно, во текот на наредните 12 месеци. Од општинската каса за оваа намена се издвоени финансиски средства од 47.565.317 денари, односно околу 770.000 евра. Работите на терен ќе ги изведуваат фирмите „Изградба комерц“, „Хорти експерт“ и „Флорастат“ од Скопје.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk