Уште едно „барокно“ здание наменето за државните институции треба да никне во центарот на Скопје. Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) бара изведувач на градежни работи за објект во паркот кај Македонската опера и балет, веднаш до планираната идна зграда на Народната банка. Градбата ќе има канцелариски простор од 10.179 метри квадратни и ќе го испочитува архитектонскиот стил од владиниот проект „Скопје 2014“. Од АДСДП првично процениле дека за објектот се потребни 7 милиони евра.
„Барокната“ зграда со приземје, седум ката и поткровје ќе се гради врз основа на идејно решение од авторот Жарко Чаушевски, а проектната документација ја изготви студиото „Архитектоника“ од Скопје. Планирано е градежните работи да се одвиваат во временски период од 24 месеци. Крајниот рок за доставување на понудите до АДСДП е 27 јули.
Бојан Блажевски