Во функција на надминување на сообраќајните проблеми и зголемување на безбедноста, пред влезот во скопската населба Железара, кај стадионот на Металург е предвидено да се гради кружен тек. Градот Скопје денеска го објави тендерот за избор на изведувач. Кружниот тек ќе го регулира сообраќајот на вкрстувањето на улиците 16-та Македонска Бригада, Коце Металец и сообраќајниот влез во скопската железарница. На оваа крстосница досега не беа поставени семафори, така што регулирањето на метежот се одвиваше единствено со сообраќајни знаци. Проценката е дека за овој инфраструктурен проект ќе се потрошат околу 550 илјади евра. Градежните компании што се заинтересирани да учествуваат на распишаниот тендер треба да ги достават понудите најдоцна до 29 јуни, за кога се очекува и отворање на пристигнатите понуди.
Бојан Блажевски