Со заем од германската развојна банка „КфВ“ (KfW Bankengruppe) во вредност од 32,9 милиони евра и со сопствени средства во висина од 22,6 милиони евра, ЕЛЕМ наесен планира да започне со изградба на Ветропарк Богданци. Паркот ќе зафаќа површина од 29 хектари и во него во прва фаза ќе бидат поставени 15 до 18 ветерници, со вкупна инсталирана моќност од 37 мегавати. Годишното производство на електрична енергија се проценува на 100 гигават часови. Во втората фаза предвидено е да се инсталираат ветерници со кои моќноста ќе се зголеми до 50 мегавати.
Реализацијата на проектот се должи на лани потпишаната Спогодба помеѓу Владите на Република Македонија и на Сојузна Република Германија за финансиска соработка во втората фаза на „Програмата за енергетска ефикасност“. Со програмата, освен кредит за Ветропаркот Богданци, обезбеден е и кредит во вредност од 27,1 милиони евра за ревитализација и модернизација на хидроелектраните Вруток, Равен, Врбен, Глобочица, Шпиље и Тиквеш.