Музејот на Македонската борба за државност и самостојност публикуваше оглас за избор на градежна компанија што ќе го изведува ентериерното уредување на конференциската сала во овој објект. Предвидените активности за ново преуредување на музејската установа изградена пред четири години е проценето дека ќе чини 32.000.000 денари или околу 520 илјади евра, без вклучен ДДВ. Внатрешното уредување на овој дел од објектот би се одвивал во период од шест месеци. Понудите од заинтересираните компании треба да се достават најдоцна до 23 април, за кога е закажано и нивното јавно отворање.
Покрај тоа што има најнова зграда и најдобри услови за работа, во Музејот на Македонска борба за државност и самостојност во континуитет се вложуваат значителни финансиски средства што се недостапни за другите музејски установи во Скопје. Пред една и пол година, Министерството за култура потпиша договор за дополнување на музејската поставка. За оваа намена тогаш се потрошија околу 86 милиони денари, односно околу 1,4 милиони евра. Од почетокот на изградбата до денешен ден, во објектот со површина од 2.500 метри квадратни се инвестирани над 14,7 милиони евра, при што во оваа сума не е вклучено и најновото ентериерно уредување на конференциската сала.
» Форумска дискусија за Музејскиот комплекс „Македонска борба“