Локалната самоуправа од Пробиштип денеска објави тендер за избор на градежна компанија што ќе ја изведува реконструкцијата на главната улица „Јаким Стојковски“ во центарот на овој град. Финансиската конструкција на проектот изнесува 500.000 евра, кои се добиени преку заем со потпишаниот договор помеѓу општината, македонската влада и Светската банка во текот на октомври минатата година. Со зафатот ќе се обнови постоечкиот коловоз во должина од 1.220 метри, ќе се постави атмосферска канализација долж целата траса, ќе се изведат нови пешачки патеки и ќе се постави хоризонтална и вертикална сигнализација. Градежните фирми треба да ги достават понудите за учество на тендерот најдоцна до 3 март. Од општина Пробиштип очекуваат дека проектот ќе биде завршен во временски период од шест месеци.