Конечниот исход по неколкунеделните препукувања околу проблематичните урбанистички планови „Тасино чешмиче – 1“ и „Капиштец – Водно“ ќе се знае на 4 август (понеделник). Претседателот на Советот на општина Центар Мирослав Шиповиќ свика седница на овој датум, на која повторно ќе се гласа за донесување на урбанистичките планови, за кои градоначалникот на Центар Андреј Жерновски минатата недела донесе решение за запирање на објавувањето на одлуката за нивно донесување. За изгласување на двата ДУП-ови е неопходно да се обезбедат 12 гласа од вкупно 23 советници, колку што брои Советот на општина Центар. На закажаната седница веќе е најавено дека ќе присуствуваат и инспектори од Државниот инспекторат за локална самоуправа.
Во последната изјава за медиумите, градоначалникот на Центар Андреј Жерновски истакна дека ако се обезбеди мнозинство во општинскиот совет, тој ќе се обрати и до Уставниот суд за времено запирање на одлуката за измени во спорните урбанистички планови. Според него, со предложените измени од советниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе се дозволи изградба на десеткатно здание на локацијата на хотелот „Панорама“, а истовремено деталниот урбанистички план „Тасино чешмиче – 1“ е во спротивност со веќе донесениот Генерален урбанистички план на Град Скопје за периодот 2012 – 2022 година.
Целата приказна околу спорните урбанистички планови започна со претходната седница на Советот на општина Центар од 18 јули, на која се гласаше за нивното донесување со 11 гласови „за“ и еден глас „против“.