Јавното претпријатие за државни патишта денеска распиша тендер за изведувач што ќе ги изврши градежните работи за докомплетирање на изградбата на автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип долг 47 километри. И покрај тоа што веќе неколку пати беше најавено дека ќе се пушти во функција, со тендерската постапка се бара изведувач за докомплетирање на дел од инфраструктурните објекти што се наоѓаат на автопатската траса.
За претстојните градежни работи е предвидено да се издвојат речиси 360 милиони денари, кои се обезбедени од средствата од кредитот земен од кинеската Ексим банка. ЈП за државни патишта ќе ги очекува понудите од градежните фирми до 20 мај, по што ќе се избере изведувачот на работите. Ваквата разврска би значела дека ќе има ново одложување на пуштањето во функција на автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип.
Пред неколку дена, ЈП за државни патишта го објави договорот за заштита на косините на автопатот од ерозија, за што допрва ќе се врши пошумување на оние делови каде има опасност од свлечишта. Дополнително, на овој автопат ќе треба да се градат сервисните патишта за населените места околу Свети Николе и патарините. Целокупниот проект за изградба на автопатот чини 226 милиони евра.