Во 2018 година ќе бидат инвестирани 16.748.600.000 денари (272 милиони евра) за изградба, реконструкција, рехабилитација и одржување на патиштата низ нашата земја. Владата на последната седница ја усвои Годишната програма на Јавното претпријатие за државни патишта. За реализација на инфраструктурните зафати се обезбедени сопствени средства од буџетот, но и кредити од кинеската Ексим банка, Светската банка и Европската банка за обнова и развој. Реконструкцијата на автопатските делници од Коридорот 10 ќе продолжи и во текот на оваа година, заедно со изградбата на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.
Десетици магистрални, регионални и локални патишта во текот на оваа година ќе бидат подложни на реконструкција на коловозот. Меѓу најзначајните се: делницата Јанковец – Ресен – Макази од патот А3, патот Берово – Струмица, државниот пат А4 од Струмица до границата со Бугарија, но и следниве делници: Куманово – Свети Николе, Кавадарци – Росоман, Битола – Демир Хисар, Кочани – Делчево, Берово – Виница, Делчево – Пехчево. Во оваа програма е вклучена и изградбата на новиот експресен пат од Ранковце до Крива Паланка и од Штип до Радовиш. Во наредните месеци ќе продолжи и изведбата на веќе започнатите експресни патишта Штип – Кочани и Градско – Прилеп.