Во манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка во тек е 25-тата по ред Меѓународна летна школа за студенти по архитектура. Темата на овогодинешното издание е „Колаж, монтажа, асемблаж“, под туторство на Михел Ридијк и Џулиет Бекеринг од Холандија. На учесниците на манифестацијата тие ќе им предаваат за примената на колажот, монтажата и асемблажот во уметноста и архитектурата и во проектите на нивните студија. На 12 јули ќе се одржи предавање на Хавик Класке за серијата соработки СКОПЈЕ – ДЕЛФТ во последните 10 години, со фокус на користените методи.
Финалната изложба и презентацијата на производите од работилницата ќе се одржи во стариот манастирски конак, со што на 16 јули и официјално ќе биде затворена Меѓународната летна школа за архитектура. Традиционалниот настан се одржува во организација на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во соработка со Македонската православна црква и Кумановско – Осоговската епархија.