Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, амбасадорот на Швајцарската Конфедерација Стефано Лазарото и градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски денеска го потпишаа договорот за изградба на систем за собирање и третман на отпадни води во Кочани. Целосниот проект е во вредност од околу 23 милиони швајцарски франци, од кои македонската влада и локалната самоуправа учествуваат со околу 2 милиони, додека преостанатите средства се обезбедени од Швајцарија. Во рамките на градежниот зафат е планирано да се изведе пречистителна станица на отпадни води во Кочани, да се изгради главен колектор од градското подрачје до пречистителната станица, да се набави опрема за работа и да се вложи во одржување на канализационата мрежа.
Според изнесените информации на денешната свеченост, овој проект претставува најголема досегашна швајцарска помош за нашата земја. Покрај договорот за пречистителната станица, денеска беше потпишан и Меморандумот за разбирање помеѓу Владите на Швајцарската Конфедерација и на Република Македонија за подготовка на Планот за управување со Струмичкиот речен слив и за изработка на подготвителна студија за регистар на подземни води во Македонија. Овие два проекта се во вредност од 400.000 швајцарски франци.