Претходна статија
Успешно реализирана 21-та Меѓународна летна школа за архитектура
Следна статија
Ќе се реконструираат нови делници од железничкиот Коридор 10

2,3 милиони евра за довршување на градскиот водовод во Тетово

Објавено на 09.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По неколкугодишни несогласувања помеѓу локалната и централната власт и низа стопирања поврзани со недостиг на финансиски средства, општина Тетово ја продолжи реализацијата на проектот со кој конечно жителите на овој град ќе добијат вода за пиење во потребните количини. Склучен е договор со „НБ – Компани“ од Тетово за довршување на изградбата на преостанатите 10 километри од системот за водоснабдување на градот со зафаќање водите од Студена река и Пена. Финансиската конструкција за доградба на целокупниот цевковод изнесува 139.378.445 денари или околу 2,3 милиони евра. Градежните активности е планирано да започнат уште во текот на летните месеци, а крајниот рок за завршување на проектот е јули 2013 година.

 

Иако е сместен во подножјето на Шар Планина која изобилува со водни ресурси, Тетово е еден од македонските градови кој во континуитет има проблеми со обезбедувањето на вода за пиење за жителите. Со изградбата на цевководот ќе се обезбедат дополнителни 200 литри во секунда за градскиот водовод. Реализацијата на овој важен инфраструктурен зафат започна уште во 2001 година, но поради финансиски причини градежните работи на терен сеуште не се завршени, а досега две компании го отпочнуваа и го прекинуваа проектот. Во согласност со документацијата, за тетовчани да добијат редовно водоснабдување е потребно да се доврши започнатиот цевководот, чија вкупна должина би изнесувала 17 километри.