Претходна статија
Потпишани нови договори за изградба на мали хидроелектрани, од претходните уште нема абер
Следна статија
„Carrefour“, „Inditex“ и „Cineplexx“ ќе бидат најголеми закупци во „Skopje City Mall“

21,5 милиони евра за ревитализација на „Вруток“ и „Равен“

Објавено на 19.03.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) потпиша договори за ревитализација и модернизација на хидроелектраните „Вруток“ и „Равен“ со две компании во рамките на проектот „Ревитализација на шест хидроелектрани – втора фаза“. Австриската компанија „Андриц Хидро“ (Andritz Hydro) ќе работи на замена и зголемување на моќноста на четирите генератори во ХЕ „Вруток“, на замена на високонапонските кабли, како и на замена на системите за подмачкување во ХЕ „Равен“. Словенечката „ЕТРА Колектор“ ќе изврши замена на шест енергетски трансформатори во ХЕ „Вруток“ и замена на три енергетски трансформатори во ХЕ „Равен“.

 

Со реализацијата на овие проекти ќе се зголеми достапниот енергетски производствен капацитет на ХЕ „Вруток“ од 168 MVA на 184 MVA (мегаволт ампери), ќе се добие можност за дополнително производство на електрична енергија до 50 GWh годишно, ќе се подобри ефикасноста преку намалување на енергетските загуби за 7 GWh годишно и ќе се заштеди во ставката трошоци за одржување. Хидроелектраната „Вруток“ ќе добие четири нови блок – трансформатори и четири нови генератори, првиот блок се очекува да се пушти во погон во јуни 2013 година, а целокупниот проект треба да се комплетира во мај 2014 година. Вкупната вредност на потпишаните договори изнесува 21,45 милиони евра, од кои за генераторите ќе се издвојат 18,68 милиони евра, додека за трансформаторите 2,77 милиони евра.

 

Овие активности се дел од проектот за ревитализација на шесте големи хидроелектрани (Шпиље, Глобочица, Тиквеш, Вруток, Врбен и Равен) во вредност од 32,1 милион евра, кој во најголем дел е финансиран преку заем од германската „КфВ“ банка. Покрај потпишувањето на договорот за „Вруток“ и „Равен“, веќе е распишан и тендер за избор на компанија за модернизација и ревитализација на ХЕ „Шпиље“.