Неколку излетнички места во југоисточниот дел од земјава ќе се уредуваат за да се збогати постоечката туристичка понуда. Центарот за развој на југоисточниот плански регион денеска објави тендер за изведба на градежни работи за уредување на четири излетнички места во околината на Струмица и Гевгелија. На Габровските водопади во близина на Струмица е планирано да се изведе парково уредување, партерно ќе се уреди локалитетот Смрдлива вода во општина Гевгелија, додека на Смоларските и Колешинските водопади ќе се реконструираат постоечките пешачки патеки.
Градежните компании можат одделно да конкурираат за изведба на секој од овие проекти, а вкупната проценета вредност е околу 200 илјади евра. Севкупните работи за уредување на излетничките места треба да се одвиваат во период од четири месеци, односно да завршат до крајот на април 2016 година. Фирмите заинтересирани за учество на тендерот треба да ги достават своите понуди најдоцна до 25 ноември.