Претходна статија
Шест години ни трага, ни глас од изградбата на Јужниот булевар во Скопје
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: „Барокизацијата“ на фасадите прекината, тарабите и скелињата останаа во центарот на Скопје

192,6 милиони денари нови приклучоци и одржување на магистралниот гасовод

Објавено на 17.04.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Двете скопски фирми „Спектартермо“ и „ЕЛ – ТЕ Инженеринг“ се избрани за изведувачи на итните приклучоци и тековното одржување на магистралниот гасовод од Деве Баир до Скопје со којшто стопанисува „ГА – МА“. Во наредните две години за одржување и приклучување на нови субјекти на гасоводната мрежа ќе бидат издвоени 192,6 милиони денари, се наведува во објавените договори на веб – страницата на Бирото за јавни набавки. Компанијата „Спектартермо“ ќе биде задолжена за градежните и електро работите што ќе се изведуваат врз инфраструктурниот објект, додека „ЕЛ – ТЕ Инженеринг“ ќе ги извршува машинско – монтажните работи над гасоводот.

 

 

Со реализацијата на овие договори ќе се продолжи развојот на магистралниот гасовод Деве Баир – Скопје, којшто беше изграден во 90 – тите години од минатиот век. Покрај со двата нови договора, акционерското друштво „ГА – МА“ пред неколку дена потпиша и договор за репарирање на внатрешните и надворешните дефекти на магистралниот гасовод. Грчката компанија „Onflow“ беше избрана за санирање на настанатата корозија на гасоводните цевки, за што беа одвоени дополнителни 8,9 милиони денари. 

 

Магистралниот гасовод Деве Баир – Скопје е единственото гасоводно поврзување на нашата земја со соседите, чија должина изнесува 98,2 километри. Со овој капитален проект со природен гас се снабдуваат стопанските капацитети и објектите од јавен карактер во Скопје и Куманово, а веќе во наредните две до три години оваа магистрална траса ќе треба да обезбедува природен гас и за жителите Штип, Свети Николе, Крива Паланка, Кратово, Неготино и неколку други градови од земјава.