Претходна статија
Започнува проширувањето на Илинденска долж Карпош 2
Следна статија
Стартуваше надградбата на Блаце

17,6 милиони евра за реконструкција на пругата долж Коридорот 10

Објавено на 08.07.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Република Македонија со заем од Европската банка за обнова и развој ќе реконструира делници на железничката пруга помеѓу Табановце и Гевгелија. Заемот во вредност од 17,6 милиони евра го одобри Бoрдот на директори на банката на 6-ти овој месец и е со рок на отплата од 15 години, грејс период од 3 години и каматна стапка од 2 проценти.


#Ќе се реконструираат четири делници од Коридорот 10 со вкупна должина од 53 километри. Тоа се делниците Табановце – Куманово во должина од 13 километри, Миравци – Смоквица во должина од 13 километри, Згрополци (Ногаевци) – Градско во должина од 9 километри и Градско – Неготино во должина од 21 километар. Според министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, на овие делници во моментов брзината на движење на возовите е помеѓу 50 и 60 километри на час, додека по реконструкцијата таа ќе достигне помеѓу 80 и 100 километри на час. Реконструкцијата исто така треба да придонесе за зголемување на безбедноста и за намалување на трошоците за одржување на пругата. Градежните работи ќе почнат во 2011 година, а проектот треба да финишира до 2013 година.


Според владата, се работи и на реализација на проектот за доизградба на железничката пруга од Коридорот 8 кон Бугарија, за што според проценките се потребни 400 милиони евра. Продолжување со изградба се најавува за наредната година. ЕБОР обезбеди грант во износ од 1,2 милиони евра како техничка помош за имплементација и супевизија на проектот, од кои 500 илјади евра ќе бидат наменети за изработка на физибилити студија и студија за влијанието врз животната средина. Изработката на овие документи треба да финишира до средината на 2011 година, по што ќе се пристапи кон обезбедување на неопходните финансиски средства за затворање на финансиската конструкција за изградба на пругата. ЕБОР и Европската инвестициска банка покажале интерес за финансирање на проектот.