Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони потпиша неколку договори за изведба на внатрешната инфраструктура во ТИРЗ „Ранковце“, ТИРЗ „Виница“ и ТИРЗ „Берово“, со што се отвора можноста за почеток на инвестицискиот циклус во овие индустриски зони. Нашата држава за комплетирање на неопходните инфраструктурни објекти ќе одвои финансиски средства во вкупен износ од 104.143.180 денари или околу 1,7 милиони евра. Ако градежните активности се одвиваат според планираното, тогаш улиците и приклучоците за водовод, канализација и струја би се комплетирале во текот на првата половина од 2015 година.
За изградба на две улици, кружен тек и дел од атмосферската канализација во зоната во Ранковце се издвоени 56.393.668 денари (околу 910 илјади евра). Косовската фирма „Ескаватори“ од Урошевац е должна во наредните шест месеци да ја изведе планираната инфраструктура во оваа зона. За подигање на целокупната внатрешна инфраструктура во индустриската зона во Виница ќе биде задолжена компанијата „Жикол“ од Струмица, која во рок од четири месеци треба да создаде услови за непречена работа на идните странски инвеститори. Финансиската конструкција на овој проект изнесува 24.786.770 денари (околу 400 илјади евра). Истовремено, за изведба на инфраструктурата во ТИРЗ „Берово“ ќе бидат потрошени средства во висина од 22.962.742 денари (околу 370 илјади евра). Градежната фирма „Бауер БГ“ од Скопје ќе треба да го реализира проектот во период од четири месеци.
За индустриските зони во Ранковце, Виница и Берово веќе е целосно изработена неопходната проектна документација, со што се создадени услови за непречено одвивање на изведбените активности на терен.
Бојан Блажевски