Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки денеска ги потпиша договорите за распределба на средствата предвидени за 15 општини за проекти за управување со водите. Од државниот буџет се обезбедени 56,3 милиони денари за претстојните инфраструктурни проекти, коишто ќе се изведуваат во општините Кичево, Брвеница, Сарај, Крушево, Чучер Сандево, Демир Капија, Теарце, Липково, Ѓорче Петров, Тетово, Новаци, Струга, Врапчиште, Крива Паланка и Кочани.
Меѓу позначајните инфраструктурни зафати се уредувањето на коритата на реките Пена во Тетово и реката Боговиње во село Боговиње, како и изведбата на водоснабдителни системи или резервоари за вода за селата Горно Свиларе, Блаце, Никиштани, Новаци, Неготино (Полог) и Лабуништа. Овие зафати ќе обезбедат поквалитетен живот на населението и спречување на последиците од поплави во населените места.