Јавното претпријатие за државни патишта ќе ги употреби неискористените финансиски средства од досегашното задолжување преку Европската банка за обнова и развој за спроведување на неколку проекти во земјава. Предвидено е да се изберат консултантски куќи што ќе изработат Студија за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти од изградбата на автопатот Гостивар – Кичево, документ за проценка на биодиверзитетот на локалитетот Буковик и елаборат за спелеолошко истражување на пештерата Убава во Кањонот Матка. Со финансиските средства во висина од 1,5 милиони евра, планирано е и да се подобри патната сигнализација на автопатиштата пред влезовите во Скопје, но и да се реконструира патот Р2134 помеѓу Сопиште и Говрлево.
* Теренот во гостиварскиот регион низ кој ќе минува автопатот Гостивар-Кичево
Според информациите достапни од Европската банка за обнова и развој, јавното претпријатие за државни патишта ќе ги објави соодветните тендери за секој од овие проекти во првиот квартал од годинава.