Фестивалот за современи уметности АКТО се одржа викендов во Скопје во Кино Култура и Железничарската зграда во Скопје. По акцијата за ревитализација на Офицерскиот дом во Битола, овој фестивал во Скопје се обиде да го сврти вниманието кон Железничарската зграда, лоцирана во близина на училиштето „Песталоци“. Проектирана од архитектот Михаил Дворников и изградена кон крајот на 40-тите години на 20. век, овој објект бил првично наменет за луѓето вработени во Државната дирекција за железници – Скопје. Распореденоста на становите околу еден заеднички централен двор, како и просториите наменети за колективни друштвени активности на станарите, имаат за цел да воведат еден вид интегрирано живеење и намалување на чувството на изолација.
* Извор на фотографија: Фејсбук страница на фестивалот АКТО, фото: Бранко Ристоски.
Во рамките на фестивалот АКТО, се одржа перформативно-истражувачкиот процес насловен „Кога зградите би зборувале“ во авторство на Филип Јовановски. Историското значење и уникатниот концепт на Железничарската зграда беше прикажан преку комбинација на актерска игра и директно учество на некои од станарите, кои на публиката и овозможија буквално да влезе во неколку станови и низ разговор со нив „од прва рака“ да го доживее автентичниот дух на зградата.
* Железничарската зграда во Скопје
Актерскиот тим во состав: Кристина Леловац, Тамара Ристевска, Ивана Павлаковиќ, Јасмина Василева и Благој Веселинов ги прошетаа гледачите низ комплексот, запознавајќи ги со редица интересни историски синхроницитети кои се случиле на оваа локација. За крај на перформансот, актерите ги воведоа гледачите токму во кино салата на Железничарската зграда, каде што се одржа концерт на групата Фолтин.
Овогодинешното издание на ПОП АП АКТО АКЦИЈА беше поддржано од Министерството за култура на РМ, фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и општина Центар.