Општина Валандово оваа недела ќе гласа на референдум околу изградбата на нови рудници во овој регион. Вкупно 10.141 жители запишани во Избирачкиот список ќе можат да го дадат одговорот на две референдумски прашања: „Дали сте ЗА или ПРОТИВ продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол?“ и „Дали сте ЗА или ПРОТИВ отворање на рудници и рударски комплекси за металични минерални суровини на територијата на Општина Валандово?“. За референдумот да биде успешен, в недела на гласачките места ќе треба да излезат минимум половина плус еден гласач од запишаните во Избирачкиот список.
Референдумското изјаснување беше распишано од Советот на општина Валандово по неколкумесечни натегања помеѓу инвеститорот, раководството на општината и граѓанските активисти. Референдумот во Валандово се одржува по успешно организираните изјаснувања на жителите од Дојран и Богданци, каде огромно мнозинство од граѓаните се изјаснија против изградбата на рудници на нивната територија. Од инвеститорот „Сардич МЦ“ во неколку наврати нагласија дека нема да вршат загадување на животната средина со изградбата на нивниот рудник „Казандол“.