Државата годинава ќе инвестира 1 милијарда и 270 милиони евра во изградба и реконструкција на македонската патна мрежа. Како што информираше премиерот Зоран Заев, станува збор за инвестиции со кои ќе се рехабилитираат и градат нови патишта во должина од преку 770 километри. Во 2019 година ќе се продолжи со изградба и реконструкција на веќе започнатите 27 патни правци. Оваа година ќе започне изградба, рехабилитација и реконструкција на 43 патишта. Премиерот Заев напомена дека годинава ќе се заврши изградбата на автопатот Миладиновци – Штип, а ќе се продолжи со изведба на автопатот Кичево – Охрид. Наредните месеци од оваа година треба да се стартува со изградба на автопатот Скопје – Блаце.
*Извор на инфографик: Влада на Р.М.
„Сите овие проекти чија вкупна вредност надминува 1,27 милијарди евра, се технички подготвени, има обезбедено финансиски средства и подготвени се за имплементација“, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев. Во нашата земја во наредните 12 месеци ќе се градат автопатишта и експресни патишта со вкупна должина од 144 километри. Јавното претпријатие за државни патишта ги има спроведено тендерските постапки за рехабилитација на 39 патни правци, кои ќе започнат да се изведуваат веднаш штом временските услови го дозволат тоа. Дополнително, Јавното претпријатие „Македонија пат“ годинава ќе рехабилитира 41 патен правец со вкупна должина од 93 километри.