Претходна статија
Државата ќе гради и реконструира три експресни и 40 регионални патишта
Следна статија
2016 година - промашена за реализацијата на проекти од градежниците во странство

1,7 милиони евра за водоводот во Гевгелија

Објавено на 15.02.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Со финансии обезбедени од Светската банка и од ИПА фондовите во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“, денеска започнаа градежните работи на проектот за унапредување на водоводниот систем во Гевгелија. Предвидена е изведба на нови бунари, со вкупна очекувана издашност на целиот бунарски систем од 150 до 200 литри во секунда, хлорна станица, резервоар на Мрзенски рид со капацитет од 1000 метри кубни, како и потисен цевковод од бунарите до резервоарот, со должина од 1.366 метри. Целта е да се подобри водоснабдувањето на 17.000 жители во Гевгелија, Мрзенци, Моин, Богородица, како и Селеми и Стојаково во општина Богданци.

 

 

Инвестицијата е во висина од 1,7 милиони евра, а финансиската конструкција беше заокружена преку ИПА грант од 260.000 евра. Преостанатите средства се обезбедени како подзаем од Светска банка преку Проектот за поддршка на општинските услуги на Министерството за финансии. Изведувач е фирмата „Хидрострој“,  а изградбата на системот треба да заврши до крајот на 2017 година.

 

Почетокот на изградбата на го означија евроамбасадорот Самуел Жбогар, министерот за финансии Кирил Миноски, претставникот од Светска банка, Бекир Имери и градоначалникот Иван Франгов. Според министерот Миноски, станува збор за важен проект кој освен непречено снабдување со чиста вода за пиење, ќе придонесе и за развој на локалната економија преку создавање можности за отворање земјоделски преработувачки капацитети, индустриски капацитети и нови мали бизниси, но и развој во примарното и секундарното сточарско производство. Евроамбасадорот Жбогар нагласи дека очекува благодарение на проектот да се зачува здравјето на населението, да се зголемат заштедите на домаќинствата и да се унапреди локалното стопанство.