Општина Охрид објави Конкурс за изработка на идеен архитектонско – урбанистички проект за заштитениот дел на Студенчишко блато. Македонските архитекти и проектантските бироа се поканети да ги достават своите предлози за натамошниот развој на овој дел од Охрид најдоцна до 8 август. За валоризација на пристигнатите трудови на распишаниот конкурс е формирана тричлена жири – комисија во состав: Никола Точко, Зоран Рафтоски и Бранко Арнаудов. Охридската локална самоуправа ќе додели прва награда на најдоброто идејно решение во висина од 120.000 денари и втора награда на некој од доставените трудови во износ од 30.000 денари.
Студенчишкото блато како заштитен споменик на природата подолг временски период е предмет на напад преку изградбата на нови објекти долж самото крајбрежје на Охридското езеро. Растителниот и животинскиот свет во блатото во минатите неколку години сериозно се доведени во опасност. Ова е заклучокот од Интегрираната студија за состојбата на остатокот од Студенчишкото блато. Во документот се истакнува дека вкупната површина на овој заштитен простор во моментов е помала од 25 хектари. Повеќе од 10 хектари се деградирани во изминатата деценија, и тоа околу пет хектари се под шут, четири хектари под „Охридски комуналец“ и 1,5 хектари се уништени со изградбата на објектите на АРМ.