По поништувањето на првиот тендер, општина Битола денеска го распиша вториот по ред тендер за изработка на идеен и основен проект за изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа во градот. Идното проектантско биро ќе треба да ја изработи и ревизијата на документацијата, но и да го врши надзорот при изведбата на гасификацијата на Битола со максимална должина од 25 километри. Од општинскиот буџет е проценето дека ќе се издвојат околу 9,3 милиони денари за оваа намена. Проектантските бироа имаат рок до 17 мај за да ги достават своите понуди за учество во тендерот.
Општина Битола планира годинава да ја изработи проектната документација за гасификација на градот. Од годинешниот буџет се издвоени вкупно 15 милиони денари за оваа намена. Магистралниот гасовод до Битола треба да пристигне во 2020 година и да се поврзе со секундарната дистрибутивна гасоводна мрежа на градот.