По поништувањето на првиот тендер од Државната комисија за жалби, Министерството за транспорт и врски објави нов тендер за доградба на водоснабдителниот систем во Гостивар. Станува збор за проект вреден 1,8 милиони евра, со кој целосно ќе се реши проблемот за снабдувањето со вода во Гостивар. Заинтересираните компании за учество во тендерската постапка имаат рок до 9 март за да ги достават нивните понуди. Со претстојниот зафат треба да се изгради цевководот за вода во Гостивар. Оваа фаза од изведбата на водоснабдителниот систем треба да се заврши во рок од девет месеци.
Во Гостивар пред речиси три години беше комплетирана изградбата на филтер – станицата на гостиварскиот водовод, за која се инвестираа вкупно 2 милиони евра. Повторувањето на тендерската постапка за изведбата на цевководот ќе ја одолговлечи реализацијата на проектот за неколку месеци, но самиот зафат би требало да се заврши до почетокот на 2019 година.