Општина Куманово планира да подигне три монтажни гаражи за паркирање во вториот по големина град во земјава. Инфраструктурните објекти ќе се градат на паркингот кај КИБ Банка, трговскиот центар СУ-МА и позади станбено-деловниот комплекс Серава. Општинските власти денеска објавија оглас за избор на компанија што ќе ги изработи и постави привремените паркиралишта како модуларни еднократни конструкции. Проценките говорат дека изведбата ќе чини околу 18 милиони денари, а треба да се реализира во рок од шест месеци по потпишувањето на договорот со најповолниот изведувач.
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски посочи дека Куманово се соочува со сериозни проблеми во однос на паркирањето. „Куманово е град проектиран за 8 до 10.000 возила, а во моментов имаме 27.000 возила регистрирани во нашата општина, ако не ги сметаме оние што транзитираат низ Куманово од соседните општините. Таа бројка на дневна основа надминува над 30.000 возила што значи дека Куманово мора да создаде нова сообраќајна инфраструктура“ изјави градоначалникот Димитриевски.