Во наредните две години ќе се реконструираат 26 патни правци на територијата на нашата земја. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес-конференција информираше дека станува збор за делници во вкупна должина од над 420 километри, во кои ќе се вложат 86 милиони евра. „Инвестициите во патната инфраструктура се од клучно значење за економскиот раст и развој на Република Македонија. Во таа насока, програмска определба на Владата е квалитетно подобрување на патната мрежа“ изјави министерот Сугарески.
На паневропскиот Коридор 10 е предвидено да се реконструираат автопатските делници Миладиновци-Петровец во должина од 8 километри, Хиподром-Петровец во должина од 10 километри и Миладиновци-Хиподром во должина од 10 километри. Меѓу позначајните магистрални патишта, за претстојниот зафат се предвидени 3 милиони евра за реконструкција на делницата од Крива Паланка до Ранковце. Со подигнатите средства од Европската банка за обнова и развој ќе се реконструира третата лента од патот Градско-Прилеп, односно делницата од Фаришка клисура до Прилеп во должина од 23 километри.
Од големо значење за граѓаните од источниот дел на Македонија ќе биде реконструкцијата на патниот правец Штип-Радовиш во должина од 20 километри, за што ќе се издвојат 3 милиони евра. Врската од Скопје до граничниот премин Блаце е исто така вклучена во проектот, а за нејзина реконструкција се предвидени 3 милиони евра. На потегот од Охрид кон Струга и границата со Албанија, со 3 милиони евра е зацртано да се санира коловозот на делницата Подмоље-Струга-Ќафасан. По долги години изминати во ветувања, од надлежното министерство денеска потврдија дека во оваа програма е вклучена и реконструкцијата на патниот правец од Битола до Демир Хисар и од Демир Хисар до Крушево.