Уставниот суд на седницата одржана на 20 декември донел решение за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на урбанистичкиот план за скопската населба Тафталиџе 1, донесен на 5 јануари 2016 година од претходното општинско раководство. Воедно, Уставниот суд оцени дека не се исполнети условите за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука, што е во спротивност со барањето на граѓаните како иницијатори на ова барање.
Највисоката судска инстанца во земјава на некоја од наредните седници ќе треба да ја донесе конечната одлука во однос на тоа што ќе се прави со деталниот урбанистички план што ја опфаќа Градската четврт „3 06“, на која во моментов се градат десетина станбени згради врз основа на донесената урбанистичка документација од Општина Карпош. Како последица на ваквиот потег, во 2016 година се организираа протести и петиции на жителите од населбата Тафталиџе 1 за стопирање на донесувањето на урбанистичкиот план.
Уставниот суд во својата одлука јасно укажува дека не е во целост запазена постапката за донесување на деталниот урбанистички план, предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Главниот проблем за уставните судии лежи во необјавувањето на одлуката за спроведување или неспроведување на стратегиската оценка за влијание врз животната средина на општинската веб – страница, од која зависело информирањето на јавноста и можноста за правото на правна заштита на граѓаните.