Претходна статија
Струга ќе добие два нови кружни тека и реконструкција на главната сообраќајница
Следна статија
ЕЛЕМ планира да ја доврши класицистичката палата во центарот на Скопје

Уставен суд го укина, Општина Карпош ќе изработи нов ДУП за Тафталиџе-1

Објавено на 04.07.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Општина Карпош ќе пристапи кон изработка на нов детален урбанистички план во консултации со стручната јавност и засегнатите граѓани. Ваков е денешниот став на локалната самоуправа од Карпош по донесената одлука на Уставниот суд за укинување на ДУП – от за населбата Тафталиџе – 1. „Во новите детални урбанистички планови ќе бидат запазени сите стандарди и услови за поставување на зеленило и зелени површини, како и за обезбедување на поголема хуманизација на просторот“ соопштуваат од Општина Карпош.

 

 

Укинатиот ДУП за Тафталиџе – 1 беше донесен од претходното општинско раководство на 5 јануари 2016 година. Станува збор за просторот помеѓу булевар Партизански одреди, улица Московска, булевар Митрополит Теодосиј Гологанов и булевар 8 Септември. Уставниот суд пресуди дека не била во целост запазена постапката за донесување на деталниот урбанистички план, поаѓајќи од фактот дека не е објавена Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина на начин и постапка пропишани со Законот за животна средина.

 

Од Општина Карпош посочуваат дека цело време соработувале со Уставниот суд, поднесувајќи конкретни докази за несоодветното донесување на ДУП-от за оваа скопска населба. Општинските власти до уставните судии доставиле извод од општинската веб-страница, со кој се покажува дека не е објавена Одлуката за неспроведување на стратегиска оценка која претходи во постапката при донесување на ДУП-овите.