Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја избра градежната фирма „Трансмет“ од Скопје за санација на оштетената брана Пишица во близина на Пробиштип. Пред повеќе од три години, овој инфраструктурен објект беше оштетен од големите количини врнежи, кои доведоа до пробивање на браната. За градежните работи се предвидени 56.844.709 денари, односно 925 илјади евра, преку 10 годишната програма за санација и изградба на нови системи за наводнување и акумулации.
Целосната санација на браната Пишица се очекува да се заврши во рок од три години. Со тоа ќе се реши проблемот со наводнување на земјоделските површини во околните населени места, но и ќе се намали опасноста од нови поплави во регионот.