Јавното претпријатие за државни патишта објави тендер за избор на компанија што ќе го гради експресниот пат Штип – Кочани. Според соопштението на Европската банка за обнова и развој, проектот за делницата во должина од 28 километри ќе се финансира преку заем подигнат од оваа финансиска институција. Во ноември 2015 година беше потпишан договор за кредитно задолжување на Република Македонија, при што вредноста на градежниот зафат е заокружена на 53 милиони евра. Изградбата на експресниот пат би се одвивала во период од 24 месеци.
Проектната документација за патниот правец Штип-Кочани веќе е изработена од Градежниот институт „Македонија“. Проектантите предвиделе експресен пат со четири коловозни ленти, со траса што вклучува изведба на 10 мостови и надпатници. Оваа делница ќе се надоврзе на автопатот Скопје-Штип, со што на граѓаните од источниот дел од Македонија ќе им се овозможи брзо и ефикасно поврзување со главниот град.