Општина Струга денеска распиша повик за изработка на новиот Генерален урбанистички план (ГУП). Документацијата од највисок ранг е проценето дека ќе чини околу 3,5 милиони денари, а проектантите ќе имаат рок од две години за нејзино изготвување. Главен критериум за избор на проектантската куќа што ќе работи на ГУП-от е понудената најниска цена. Заинтересираните субјекти имаат рок до 24 јануари за да ги достават своите понуди.
Доколку се запазат роковите, овој важен туристички град во земјава ќе добие нов ГУП најдоцна до 2020 година. Изготвувањето на урбанистичката документација се одолговлекуваше во изминативе три години, иако првичните јавни расправи за негово донесување се организираа уште во 2015 година. Општинските власти сметаат дека со новиот ГУП ќе се овозможи пренамена на дополнителни површини во Струга за изградба на хотелски и угостителски капацитети, во насока на зголемување на туристичкиот потенцијал на градот.