Претходна статија
Злокуќани и Бардовци ќе бидат идните точки на урбанизација во Општина Карпош
Следна статија
Ќе се гради патната инфраструктура во новата населба „Јака“ во Илинден

Со отстранувањето на споменикот на Ќосето започнува справувањето со „Скопје 2014“

Објавено на 22.02.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Како што беше поставен во доцните часови, на идентичен начин е и отстранет. Споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето денес рано утро беше отстранет од страна на екипи на Градот Скопје. Ваквиот чин е резултат на испитувањето на фактичката состојба од Општина Центар, која што утврдила дека споменикот е дивоградба и издала решение за неговиот нелегален статус. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната прес – конференција изјави дека отстранувањето на споменикот претставува почеток на справувањето со контроверзниот проект „Скопје 2014“.

 

„Во Скопје нема да се толерира незаконитоста и недозволеното постапување“ вели градоначалникот Шилегов. Од Општина Центар истакнуваат дека се направени серија на нерегуларности при поставувањето на споменикот на Ќосето пред Судската палата. Иако одлуката за подигање на спомен обележјето е донесена од општинскиот совет, од Општина Центар велат дека е прекршен членот 1 од Законот за меморијални споменици и спомен – обележја. Наместо Советот на општина Центар, одлуката за неговото поставување требало да ја донесе Собранието на Република Македонија. Воедно, општински власти на Центар утврдиле дека спорниот споменик не е поставен на одобрената микро локација и издаденото решение на Град Скопје.

 

*Извор на фотографии: Град Скопје

 

 

Чинот на отстранување на споменикот на Ќосето денеска беше жестоко критикуван од опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ. Крсте Јовановски го спореди ваквиот чин со уривањето на споменици од ИСИЛ и Талибанците во Сирија и Авганистан. Тој тврди дека споменикот не бил дивоградба, а ВМРО-ДПМНЕ ќе ја исправела направената грешка веднаш штом повторно ќе се врателе на власт. „Советот на град Скопје согласно законот со бадинтерово мнозинство има донесено одлука за негово поставување. Општина Центар има доделено и маркица врз основа на деталниот урбанистички план“ изјави Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Од Градот експресно одговорија на ваквите обвинувања. Градежниот инспекторат извршил увид на самото место и утврдил дека инвеститорот, односно Градот Скопје, немал решение за поставување на овој споменик. За отстранувањето на овој споменик е послушана и стручната јавност, која предложи вакви мерки во елаборатот на Работната група за изработка на анализа за реализацијата и последиците од т.н. „проект Скопје 2014“, формирана во Министерството за култура. Споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето беше поставен ноќта на 8 септември 2014 година како мистична донација на Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.

 

Градоначалникот Петре Шилегов денеска вети дека локацијата ќе биде оплеменета со симболично засадено дрво, посветено на човековите права, со изгравирана плочка донирана од збратимениот град Нинберг. На неа ќе биде испишан текст од членот 10 на Декларацијата за човекови права на Обединетите нации во која стои: „Секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него.“