Претходна статија
Куманово напролет ќе ја добие првата монтажна гаража за паркирање
Следна статија
Градските власти го подготвуваат зелениот покрив за ГТЦ

Со дрон ќе се откриваат загадувачите на воздухот во Скопје

Објавено на 13.11.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Надлежните скопски власти од наредната година со дрон ќе ги откриваат изворите на загадување на воздухот во Скопската котлина. Проектот за воспоставување на систем за четиридимензионално следење на загадувањето на амбиенталниот воздух ќе се реализира во три фази во наредните девет месеци. Во првата фаза ќе се набави беспилотно летало – дрон со неопходниот хардвер, додека во следната фаза е предвиден развој на софтверско решение за собирање, обработка и прикажување на податоците за загадувањето собрани од инсталираните мерни сензори. Во последната фаза би се спровело тест сценарио и би се формирала тест база.

 

 

Целокупниот пакет од опрема и успешно тестирано софтверско решение догодина ќе треба да се предадат за користење на Центарот за развој на Скопскиот плански регион, којшто денеска го објави тендерот за пронаоѓање на најповолен понудувач. Доколку целокупната процедура се одвива во согласност со планираното, скопските власти на почетокот од идната есен ќе имаат подготвена опрема за откривање на изворите на аерозагадувањето од воздух, но и платформа на која ќе се архивираат добиените податоци. На тој начин, на многу полесен начин ќе можат да откријат и казнат загадувачите на воздухот, особено оние коишто нелегално палат оган на отворен простор во Скопје.

 

„Потребно е да се спроведе истражување кое ќе обезбеди податоци за времето и локацијата на загадувањето на воздухот. Без овие информации не можеме да се движиме кон решавање на оваа горлива тема, бидејќи не ја знаеме вистинската причина“ наведуваат од Центарот за развој на Скопскиот плански регион во распишаниот тендер. Откако ќе профункционира целиот проект, безпилотното летало за време на налет, со мерните сензори ќе испраќа директни мерења за загадувањето на воздухот до серверот. Врз оваа основа ќе се откриваат главните точки на загадување и периодот кога тоа најмногу се одвива. На тој начин, ќе се олесни и работењето на инспекторите за животна средина, кои во моментов мора да излезат на терен за да ја извршат инспекциски надзор кај потенцијалните извори на загадувањето.

 

Набавката на системот за четиридимензионално следење на загадувањето на амбиенталниот воздух е проценето дека ќе чини околу 6 милиони денари. Избраниот изведувач на проектот ќе се знае на почетокот на декември, до кога е и отворен повикот за доставување понуди од заинтересираните компании.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk