Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки и заменик амбасадорот на Швајцарија во Македонија Стефан Томаџан денеска го потпишаа договорот за реализација на проектот „Подобрување на услугите за управување со отпад во Полошкиот регион“. Со договорот се обезбедува техничка и финансиска помош за обнова и стандардизирање на регионалната депонија во Русино. Проектот е во вредност од 1.900.000 швајцарски франци и треба да биде завршен до јуни 2020 година.
Со потпишаниот договор ќе се обезбеди подготовка на соодветна документација и зголемување на капацитетите на комуналните претпријатија во регионот. Депонијата во Русино во иднина би ги задоволувала сите современи стандарди за складирање и рециклирање на отпадот во Полошкиот регион. Со проектот би требало да се надмине проблемот со појавата на диви депонии во регионот, кои се и еден од најзначајните фактори што го зголемуваат ризикот од поплави во овој регион.
Потпишувањето на овој договор беше составен дел од настанот за промовирање на проектот „Намалување на ризикот од поплави во Полошкиот регион“, на кој свое учество зедоа претседателката на Советот на Полошкиот регион Теута Арифи и постојаниот претставник на УНДП во земјава Луиза Винтон.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk