Кочанскиот градоначалник Ратко Димитровски денеска го потпиша последниот договор за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Кочани. Капиталниот проект се реализира во соработка помеѓу македонската и швајцарската влада и истиот веќе непречено се спроведува неполна година наназад. „Првиот дел од проектот се состоеше во изработка на проекти и изградба на колекторот за што тендерската постапка заврши и работите на терен почнаа да се извршуваат пред Нова година. Со денешното потпишување продолжуваат работите околу изработката на техничката документација која што се очекува да заврши до јуни оваа година, а при крајот на 2017 да отпочнат и работите на терен“ изјави Димитровски.
Целокупниот проект е во вредност од 23 милиони швајцарски франци, од кои 21 милион се донација на Швајцарската Конфедерација, додека остатокот е обезбеден од македонската влада, општина Кочани и КЈП „Водовод“. Рокот за реализација е крајот на 2018 година. Со проектот ќе се опфатат отпадните води од Кочани и од околниот регион, со вкупен број на население од 58.000 жители. Градежните работи на терен ќе ги изведува германска фирма, која беше избрана од страна на швајцарскиот консултант „СЕКОК“.