Проектот за подобрување на водоснабдителниот систем во Гостивар конечно се придвижи од мртва точка. Министерството за транспорт и врски денеска распиша тендерска постапка за пронаоѓање на компанија што ќе го гради водоводниот цевковод во Гостивар. . Со претстојниот зафат ќе се променат азбестните цевки од главниот цевковод за вода со нови, еколошко прифатливи и безбедни цевки за здравјето на жителите од градот. Проценетата вредност на проектот е околу 111 милиони денари (1,8 милиони евра).
*Филтер-станицата за водоводот во Гостивар е изградена во 2015 година; Фото: Општина Гостивар.
Градежните фирми имаат рок до 6 ноември за да ги достават нивните понуди за учество, а реализацијата на проектот ќе почне веднаш по изборот на најповолен изведувач. Промената на азбестните цевки од гостиварскиот водовод е дел од пообемниот проект за рехабилитација на системот за водоснабдување во Гостивар и во околните села.
Кон крајот на 2015 година беше пуштена во употреба новата филтер-станица на гостиварскиот водовод, за која се издвоија околу 2 милиони евра. Со проектот се изгради и трафостаница за инфраструктурниот објект, цевковод од околу 1,6 километри, а во наредните месеци се продолжи и со проширување на водоводната мрежа кон селата Чегране и Форино. Проектот требаше да се заврши до 2016 година, но претходната влада го немаше објавено тендерот за изведба на цевководот во Гостивар. Договорот за подобрување на водоснабдителниот систем во Гостивар беше потпишан уште во 2012 година.
Капиталниот инфраструктурен проект за Гостивар се финансираше од неколку извори, замислен како соработка помеѓу централната и локалната власт. Покрај помошта од државниот буџет и придонесот на Општина Гостивар, најголем дел од финансиските средства се обезбедија од германската КфВ банка и Швајцарскиот секретаријат за економски работи (SECO).