Компанијата „Сардич МЦ“ денеска го постави камен-темелникот на новиот рудник за катоден бакар во Казандол, Валандовско. По речиси 40 години, со проектот вреден 35 милиони евра е предвидена изградба на нов рудник во нашата земја, кој се очекува да вработи 250 лица. Англиско-украинската компанија одлучи да го гради рудникот по двегодишни истражувања, кои покажаа дека во Казандол има резерви од 33 милиони тони рудна количина што ќе се експлоатираат во наредните 20 години. Капацитетот на рудникот е 4.000 тони катоден бакар, а ќе биде вградена современа технологија од финската фирма „Аутотек“.
Во комплексот ќе се гради фабрика во која директно ќе се вработат 100 лица, а индиректно во целиот комплекс се очекува да бидат ангажирани 150 лица. Производството на првите бакарни катоди треба да започне за една година, a целокупното производство ќе биде пласирано на европскиот пазар. На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа премиерот Емил Димитриев, вицепремиерот Владимир Пешевски и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо.