Градот Скопје и турски „Лимак“ потпишаа договор со којшто се уредуваат односите за изградба на подземната сообраќајница во согласност со Деталниот урбанистички план „Стара железничка станица“. Изградбата на еден сегмент од Јужниот булевар како обврска за „Лимак“ произлезе од продажбата на огромната градежна парцела која се простира врз трасата на овој зацртан урбан автопат. Во име на Градот договорот го потпиша градоначалникот Коце Трајановски, а во име на „Лимак“ потписник беше Халдун Фират Коктурк, одговорен за Балканот во холдингот.
„Компанијата Лимак ќе ја изгради новата сообраќајница под земја, на длабочина од 6 метри. Булеварот ќе биде долг 800 метри и ќе има по три коловозни ленти во секоја насока. Се очекува градежните работи на подземната сообраќајница да почнат за една година. Прво ќе се гради булеварот, а потоа и објектите што ќе никнат над него – објекти за колективно домување, трговски и деловни центри и хотели. Со овој договор практично почнува реализацијата на проектот за Јужен булевар во Скопје. Градот Скопје во наредниов периодот ќе почне да прави проекти за продолженијата на подземната сообраќајница и нејзиното поврзување со булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов“ – изјави градоначалникот Трајановски.
Турскиот претставник рече дека било прерано за да се излезе со прецизна проценка за големината на инвестицијата, како и со информација за тоа колкави квадратути ќе бидат со каква намена, во објектот кој ќе се извиши до 70 метри над Јужниот булевар.
» Форумска дискусија за комплексот кој ќе го гради „Лимак“
» Форумска дискусија за урбаните автопати во Скопје