Наместо да отпочне реализацијата на системот за четиридимензионално следење на загадувањето на воздухот во Скопје, Центарот за развој на Скопскиот плански регион го поништи тендерот за избор на најповолен понудувач. „Не е поднесена ниту една прифатлива понуда“, е краткото образложение објавено на Електронскиот систем за јавни набавки. Тендерот што беше распишан кон средината на ноември минатата година требаше да овозможи набавка на дрон со неопходниот хардвер, развој на софтвер за собирање, обработка и прикажување на добиените податоци од мерните сензори, како и тест сценарио и оформување на првична база.
Со реализацијата на овој проект, скопските власти требаше на почетокот од претстојната есен да имаат подготвен проект со кој ќе се откриваат изворите на аерозагадувањето во Скопје од воздух. Безпилотното летало е замислено директно да ги испраќа мерењата на загадувањето на воздухот до сервер, со што би им се олеснила работата на инспекторите што ги гонат загадувачите. Сепак, за да се реализира ваквата замисла, Центарот за развој на Скопскиот плански регион најпрво ќе треба да распише нов тендер, со што за неколку месеци ќе се одолговлечи целокупната постапка за набавка на дронот и на софтверот.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk