Едно базенско корито со димензии од 33 х 25 метри и со стандардна длабочина од 2 метри, како и едно помало корито со димензии од 12,5 х 6,25 метри ќе го сочинуваат новиот затворен базен во Охрид. Капацитетот на трибината ќе биде 500 гледачи, а во објектот со проектирана површина од 15.000 метри квадратни ќе бидат сместени и фитнес клуб, спа и велнес центар, продавница за спортска опрема, ресторан, игротека и комерцијален простор. Инвестицијата е во висина од околу пет милиони евра.
Димензиите на поголемиот базен (33 х 25 метри) се адекватни за ватерполо натпревари и за т.н. „short course“ пливачки трки, но на новиот базен во Охрид нема да може да се одржуваат трки во пливање какви што се застапени на поголемите натпреварувања, затоа што за нив е потребна должина на базенот од 50 метри. Помалиот базен (со димензии од 12,5 х 6,25 метри) е наменет за деца и за обука на непливачи. Инвеститор на спортскиот објект е Агенцијата за млади и спорт, а првата лопата на денешната свеченост ја фрли премиерот Никола Груевски. Изведувач на градежните работи е скопската фирма „Бауер БГ“, која беше избрана на вториот тендер, во конкуренција на уште една понуда. „Бауер БГ“ според договорот треба да го заврши проектот до април 2018 година.