Претходна статија
Град Скопје со нова одлука за избор на концесионер за „Дрисла“
Следна статија
Четири нови улици ќе се градат во скопската населба Стар Аеродром

Ќе се изработи основен проект за Јужен булевар

Објавено на 26.01.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По речиси пет години од потпишувањето на договорот за изградба на подземната сообраќајница, Градот Скопје денеска го распиша огласот за избор на проектантска куќа што ќе го изработи основниот проект и основниот сообраќаен проект со вклучена ревизија за булеварот „Македонија“ (поранешен Јужен булевар). Проектната документација за капиталниот зафат се однесува на трасата од кружната крстосница со улиците „Костурски херои“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до раскрсницата со улиците „11 Октомври“ и „Борис Трајковски“. Изработката на проектната документација е проценето дека ќе чини 6,2 милиони денари, без вклучен ДДВ. Можноста за доставување на понуди од компаниите е отворена до 15 февруари, за кога е закажано и нивното јавно отворање.

 

 

Подземната сообраќајница позади трговскиот центар „Рамстор“ треба да ја гради турската компанија „Лимак“, која во 2012 година го купи земјиштето за изградба на надземен комплекс со површина од околу 300.000 метри квадратни. Како обврска од договорот, турски „Лимак“ е должен да ја изгради трасата под земја во должина од 800 метри. Сообраќајницата ќе започнува со кружен тек кај зградата на поранешна НИП „Нова Македонија“, додека од тунелот ќе се излегува кај Стара рампа каде што е предвиден и вториот кружен тек. Подземната сообраќајница ќе се состои од шест коловозни ленти што треба да го намалат бројот на возила во строгиот центар на Скопје, овозможувајќи ја опцијата за брз транзит во правецот исток-запад.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk