Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) потпиша договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за изградба на фотонапонската електрана во кругот на РЕК „Осломеј“. Станува збор за кредит со кој ќе се гради енергетски капацитет со инсталирана моќност од 10 мегавати, со кој ќе се овозможи и дел од вработените од замрениот енергетски комбинат во Осломеј да го продолжат својот работен стаж во новата соларна електрана. „Просечното годишно производство би требало да изнесува 15 гигават часови, доволно за да задоволи 2.000 домаќинства“, појасни директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски.
Во проектот ќе се инвестираат околу 7 милиони евра, од кои 5,9 милиони евра се обезбедени од заемот на ЕБОР. Со искористувањето на сонцето за производство на електрична енергија во РЕК „Осломеј“ ќе се овозможи зголемено производство на струја од обновливи извори на енергија. „Ова се само првите 10 мегавати, за кои потпишуваме договор за финансирање, за да бидат изградени. Таму ќе продолжи градењето и во наредните години со повеќе инсталирана моќност до 30-40 мегавати“, потенцираше вицепремиерот Кочо Анѓушев. На денешното потпишување на договорот присуствуваше и премиерот Зоран Заев.