По неколку децении, патниците во македонските возови не се жалат на условите за патување со воз. Новите гарнитури ја вратија удобноста за патување со воз, заедно со навременоста при поаѓањето и пристигнувањето на возовите на железничките станици. Задоволните патници велат дека железничкиот билет доби на вредност, со насмевка напуштајќи ги своите крајни одредишта. Вработените во железница се среќни за подобрените услови за работа, додека самото државно претпријатие допрва ќе ја пресметува добивката од зголемениот број на патници и од намалените трошоци од експлоатацијата на новиот возен парк.
Сите овие позитивни коментари ќе беа невозможни без подигнатиот кредит од Европската банка за обнова и развој, која одвои 25 милиони евра за купување на шест електро и дизел моторни гарнитури. До денес во земјава пристигнаа вкупно четири воза, и тоа три на дизел и една на електричен погон. До почетокот на летово треба да пристигнат уште две гарнитури, кои веднаш ќе бидат пуштени во сообраќај. Новите возови во моментов сообраќаат на дестинациите Скопје-Битола-Скопје, Скопје-Велес-Скопје и Скопје-Табановци-Скопје. Во претстојниот период треба да се нормализира железничкиот превоз кон Кочани, Кичево и Гевгелија, како релации кои во моментов се одржуваат со старите локомотиви и вагони.
Македонски железници најави дека со пуштањето во употреба на новиот возен парк ќе се зголеми бројот на возови низ земјава. Досега беше пуштен дополнителен воз меѓу Скопје и Битола, а има најави и за воведување на линии од Скопје до Тетово и до Куманово. Паралелно со ова, државното претпријатие во наредниот период ќе трага по компанија од која ќе се купат три нови електрични локомотиви. До 2 јуни е отворен повикот за доставување понуди, по што ќе следи изборот на најповолен понудувач. Идентично како и досега, обновата на возниот парк ќе се реализира преку кредит доделен од Европската банка за обнова и развој.
Современите патнички гарнитури се изработени од страна на кинеската компанија „CSR Corporation Ltd“. Возовите се опремени со електронска табла за управување, камери, монитори во кабината на машиновозачот, клима уреди, вакуум-тоалети и електронски дисплеи за означување на станиците. Секој од новите возови може да прими до 200 патници, вклучувајќи ги местата предвидени за стоење.
Текст, фото: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk