Претходна статија
СДСМ подготви нов закон за заштита и зголемување на зеленилото во градовите
Следна статија
Опаднал бројот на превезени патници со автобус на крајот од 2016 година

ЕЛЕМ ќе ја доврши својата палата со инфузија за мебел од 34,5 милиони денари

Објавено на 18.02.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) подготвува вселување во „класицистичката“ палата спроти хотелот „Бристол“. Откако Зевс пристигна директно од грчката митологија на фасадата на објектот кај Музејот на град Скопје, од државната компанија во моментов се обидуваат да ја опремат со мебел административната зграда со површина од 9.130 метри квадратни. Од фирмата „ОФИС и КО“ од Скопје е набавен мебел за канцелариските простории во вредност од 34,5 милиони денари, покажуваат податоците на Бирото за јавни набавки. Дополнителни средства не се потрошени, но само поради тоа што е поништен дел од тендерот што беше објавен во текот на минатата есен.

 

 

ЕЛЕМ пред неколку месеци планираше да набави не само канцелариски мебел, туку за вработените да обезбеди и спортска опрема, меѓу кои се две ленти за трчање, четири статични велосипеди, три статични елипсовидни велосипеди и маса за пинг-понг со потребната опрема. Засега останува непознато колку вкупно ќе чини ваквото луксузирање за административните простории на оваа компанија. Од она што е познато од „Скопје 2014 под лупа“, за овој објект досега се издвоиле средства во висина од 17.445.995 евра. Идејното решение за класицистичкото здание го изготвија авторите Лазар Димов, Жарко Чаушевски и Стефан Смилевски.

 

И додека Електрани на Македонија го остварува сонот за класицизам од проектот „Скопје 2014“, најновите податоци на Државниот завод за статистика за развојот на енергетиката воопшто не се розови. Производството на домашните енергетски капацитети во 2015 година изнесувало 5.339.799 мегават-часови електрична енергија и истото бележи пад во изминативе пет години. Колку за споредба, енергетските објекти во 2010 година произвеле 7.115.979 MWh електрична енергија.

 

Енергетските објекти од земјава успеале во 2015 година да покријат само 69,2% од бруто-потрошувачката на електрична енергија. Во делот на учеството на обновливата енергија (хидро, биомаса, геотермална, биодизел, ветерна, соларна) во вкупно потребната енергија, Македонија се врти во круг веќе 10 години. Статистичарите пресметале дека процентуалното учество на „зелената“ енергија во 2014 година изнесувало 11%, што е речиси идентично на резултатот од 2004 година – 11,3%.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk